Згасна „пиратскиот Netflix“

239

Popcorn Time служеше како еден од владетелите на пиратската сцена во последните осум години, кога станува збор за бесплатниот пренос на филмови и серии. Во своите најдобри денови опслужуваше милиони корисници, нудеше илјадници наслови, а многумина истакнаа дека неговиот кориснички интерфејс е подобар од оној на Netflix. Но, на сето тоа му доаѓа крајот.

Авторите на овој сервис, кои повремено знаеа да го преместат во различни домени и со тоа успешно ги избегнаа обидите да го исклучат, сега заклучија дека „овој вид на услуга повеќе не му треба на светот“. Пиратскиот стриминг како што го замислиле, напојуван со протоколот BitTorrent, веќе не е интересен, а корисниците се свртуваат кон конкуренцијата. Така „падна“ Popcorn Time, не како жртва на правни дејствија на холивудските филмски студија или полициска рација, туку како резултат на незаинтересираноста на корисниците.

На претходниот домен на кој беше, Popcorn-Time.tw, денес има само порака од R.I.P., со визуелен приказ – графикон од Google Trends кој покажува како оваа услуга ја изгубила популарноста во изминатите неколку години.

Но, популарноста на пиратски стриминг како таков во светот не опаѓа. Денес, корисниците се свртеа кон различни пиратски IPTV услуги, бесплатни и платени, кои често се добиваат со купување на Android TV сетови со претходно инсталирани пиратски апликации.