Зголемен бројот на активни деловни субјекти во 2018 година

21

Фото: Pixabay

Бројот на активните деловни субјекти во земјава во 2018 година, изнесува 72.315 и во однос на 2017 година е зголемен за 1,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ова зголемување, главно, се должи на зголемувањето на бројот на активните деловни субјекти во секторот Информации и комуникации (9,9%, односно за 167 субјекти), Други услужни дејности (8,5%, односно за 377 субјекти) и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (8,1%, односно за 14 субјекти). Во 2018 година, во однос на претходната, секторот Земјоделство, шумарство и рибарство бележи намалување на бројот на активни деловни субјекти за 2,2%.

Податоците за структурата на активните деловни субјекти по сектори на дејност покажуваат дека во 2018 година најголемо учество имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 31,7% и Преработувачка индустрија со 11,1%. Најмала застапеност имаат секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (0,3%), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (0,3%) и Рударство и вадење на камен (0,3%).

Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество од 79,1% имаат деловните субјекти со еден до девет вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјектите со неутврден број вработени (без податок за вработени) со 11,4%, па субјектите со 10 до 19 вработени со 4,3%, потоа субјектите со 20 до 49 вработени, чие учество изнесува 2,9%, со 1,9% учествуваат субјектите со 50 до 249 вработени и само 0,3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.