Зголемен бројот на апликации за ИПАРД програмата

27

Интересот за осмиот повик од Програмата ИПАРД е значително поголем од минатиот период. Оваа година пристигнати се 402 апликации до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, за разлика од минатата година кога беше објавен седмиот повик и имаше само 120 апликации.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Тони Димовски, нагласи дека интересот е голем, освен по бројот на апликациите и по вредноста на инвестициите за кои се бара кофинансирање. Потребниот износ за кофинансирање на проектите кои прелиминарно се разгледуваат и се одобруваат во Агенцијата изнесува околу пет милиони евра по само еден јавен повик.
“Тоа е резултат на измените кои беа направени во Програмата за ИПАРД и зголемените можности кои се нудат преку неа сега. Дојде до зголемување на плафоните за кофинансирање. Се опфаќаат поголеми инвестиции и се прошири лепезата на инвестиции која во претходниот период не беше толку голема. Со добра аргументација пред колегите од Директоратот за земјоделство се овозможи и вметнување на примарната механизација во оваа програма”, рече Димовски.
Димовски додаде дека земјоделците и бизнис секторот ќе имаат можност да ги заокружат своите идеи, да ги преточат во бизнис планови и да ги достават во утврдените рокови за аплицирање.
Следниот 9-ти јавен повик на ИПАРД програмата ќе биде објавен во јануари 2014 година.