Зголемен бројот на издадени одобренија за градба

18

Во март оваа година се издадени 253 одобренија за градење, што според податоците на Државниот завод за статистика, е зголемување од 9,5%, во однос на истиот период лани.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 21.644.061.000 денари, што е за 683,6% повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Зголемената предвидена вредност се должи на капиталните проекти за изградба на новите две автопатски делници, како и за рехабилитација на дел од железничката пруга.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 196 или 77,5% се наменети за објекти од високоградба, 30 односно 11,8% за објекти од нискоградба и 27 т.е. 10,7% за објекти за реконструкција.

Од вкупно 253 објекти, на 114 или 45,1% како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 139 објекти односно 54,9% инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 592 станови, со вкупна корисна површина од 65.077 метри квадратни.