Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во февруари

14

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во февруари 2016 година е за 0,8 процентни поени зголемен во однос на претходниот месец, а во однос на февруари 2015 година е зголемен за 8,3 процентни поени.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во февруари 2016, во однос на јануари 2016 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се дека ќе се зголеми, а залихите на готови производи се непроменети.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во февруари 2016 година е поповолна во споредба со претходниот месец, а поповолна е и во однос на февруари 2015 година. Оценката за бројот на вработени е дека ќе се намали.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во февруари 2016 година изнесува 64,6% од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на прозводството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 20,5%, недоволната домашна побарувачка со 18,1%, недостигот на квалификувана работна сила со 16,8% и финансиските проблеми со 9,1%.