Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај

24

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај оваа година е за 2,1 процентни поени повисок во однос на претходниот месец, а во однос на истиот период лани е поголем за 4,8 процентни поени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во мај 2015, во однос на април 2015 година е поповолна, како и очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци, додека залихите на готови производи се намалени.

Економската состојба на деловните субјекти е оценета како поповолна во однос на претходниот месец, а како поповолна и во однос на мај 2014 година. Истото се однесува и на оценката за бројот на вработени.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2015 година изнесува 63,7% од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на прозводството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 24,8%, недостигот на квалификувана работна сила со 24,3%, недоволната домашна побарувачка со 23,7% и финансиските проблеми со 6,1%.