Зголемена продуктивност, намалени трошоци – Office365 Cloud сервиси

4

IMG_4531Во организација на локалната канцеларија на Мајкрософт за Македонија, денеска во Музејот на македонската борба во Скопје се одржа конференција на која беа презентирани cloud базираните решенија која компанијата ги нуди, со посебен акцент на еден од нивните најпопуларни системи од овој тип – Office365.

На конференцијата учество земаа претставници на Мајкрософт како од локалната канцеларија, така и гости кои зборуваа за различните аспекти при самото набавување, користење и поддршка кога станува збор за cloud базирани услуги, со посебен акцент на сигурноста и заштитата на приватноста која се издвојува како посебен предизвик, имајќи го предвид фактот дека овие услуги пред се се наменети за деловни корисници кои можат да користат и складираат голем број сигурносно чувствителни информации и податоци.

Cloud базираните решенија не се појавија како некој тренд или беа наметнати од  ИТ професионалците, туку тие претставуваа природна еволуција и одговор на се поголемите барања од страна на бизнис заедницата која постојано беше заинтересирана за нова, секогаш добро организирана, безбедна и скалабилна  ИТ инфраструктура за која што нема да издвојуваат цело богатство за набавка на хардвер, софтвер и вработување персонал за одржување на сето тоа. Затоа, најпрвин „срамежливо“, но во последно време многу поинтензивно и погласно се појавуваат нови решенија кои што задоволуваат одредени потреби на компаниите и поединците, нудат персонализирани и лесно надградливи сервиси и решенија за скоро секаква намена.

Мајкрософт како светски технолошки лидер и компанија „виновна“ за приближувањето на компјутерот до корисникот и неговото внесување во секој дом и канцеларија, пред се, преку многуте верзии на својот најпознат оперативен систем Windows и најпознатиот канцелариски пакет Office, не само што активно учествува во креирањето на подобри и поедноставни за користење cloud базирани решенија, туку во многу аспекти е и лидер и креатор на политики, следени подоцна од останатите производители.

Токму примерот со Office 365 cloud базираните решенија е најдобар доказ за тоа. Во изминатиот период Мајкрософт успеа својот, а истовремено и светски најпознат и најкористен канцелариски пакет успешно да го „пресели во облак“ притоа овозможувајќи им на корисниците лесен, едноставен и истовремено евтин пристап до најновите и секогаш надградените верзии на сите популарни програми кои досега требаше посебно да се набавуваат, лиценцираат и инсталираат, а нивната надградба и одржување се сосема друга приказна.

Овие сервиси, како што истакнаа говорниците на денешната конференција, се креирани целосно да ги задоволат потребите на буквално сите корисници, како приватно и така и деловни. Преку презентација на можностите и објаснувањата за достапните лиценцни модели презентерите покажаа на дело како секој оној без разлика дали има потреба од една или неброено многу лиценци за различни делови од пакетите може да ги користи истите и да плати само за она што му треба, онолку време колку што планира да го користи истото.

Како и на секоја конференција организирана за cloud базирани решенија, така и на оваа, многумина беа заинтересирани како може да се сигурни дека она што ќе го снимат некаде на некој виртуелен сервер ќе биде сигурно и безбедно?

“Самиот cloud реално е исто толку безбеден колку и серверот на самата компанија, што значи и дека податоците сместени на виртуелните сервери се подеднакво сигурни како и серверските податоци, бидејќи станува збор за истата информатичка инфраструктура. Ако тој сервер има пристап однадвор, тој е исто така изложен на опасност како и кој било сервер на кое било место. Самите податоци и нивната безбедност зависат од самиот Firewall систем или се што ќе биде поставено за да се заштитат тие податоци. Исто така, безбедноста зависи од тоа дали се јавни податоци каде што треба да има пристап на корисници или се приватни податоци, кои се само за компанијата. Во случај на одредени институции или компании, кои своите податоци не сакаат да ги дадат настрана,решението е private cloud, па самите корисници мора да се идентификуваат со безбедносни сертификати доколку треба да користат податоци од таму“, објаснуваат од Мајкрософт Македонија, каде што нивото на безбедностна користењето на податоците од “облакот“ е на највисоко можно ниво и е директно контролирано од корпорацијата.