Зголемени трошоците на живот и цените на мало во април

12

Трошоците на живот во април оваа година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,15, додека кај цените на мало зголемувањето е 0,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Порастот на трошоците на животот од 0,1% во април 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежото и разладеното овошје за 4,8%, сушениот зеленчук, друг конзервиран и преработен зеленчук за 1,4%, алкохолните пијалаци за 0,4%, изнутриците, свежата и разладена риба за 0,3% и замрзнатиот зеленчук, освен компирот, за 0,2%.

Во април, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај течните горива и мазива за домаќинствата за 5,5%, патниот сообраќај за 4,9%, течните горива за домаќинствата за 4,4%, туристичките аранжмани и социјалната заштита за 3,7%, услугите за одржување и поправка на станот за 3,5%, обувките за 3,1%, велосипедите за 2,4%, авионскиот превоз на патници за 1,8%, другите услуги за опрема за сопствен превоз за 1,5%, алатите и опремата за куќи и градини за 1,2%, гасот за домаќинствата за 0,9%, цврстите горива за домаќинствата за 0,4%, накитот и часовниците за 0,3% и текстилот за домаќинствата за 0,2%.

Намалување на трошоците на животот во април 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладен зеленчук, освен компирот, за 6,3%, маслото и маснотиите за 2,4%, другите прехранбени производи за 1,4%, оризот за 1,3%, месото за 0,5%, брашното и другите житарки, сушеното, соленото и чаденото месо и другите преработки од месо за 0,4%, млекото, сирењата и јајцата за 0,3% и лебот, другите пекарски производи, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај болничките услуги за 4,4%, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 2,3%, средствата за чистење и одржување на станот за 2,2%, услугите и средствата за лична хигиена и здравје за 0,3% и лековите и услугите за култура за 0,2%.

Трошоците на животот во април 2016 година, во споредба со април 2015 година, бележат намалување од 0,7%, а на цените на мало се намалени за 0,6%.