Производството на вода е зголемено за 25%, а на сокови за 4%, покажува статистиката за минатата година во однос на 2014-та, пишува Миа.
Вода произведуваат 26 компании со околу 1.200 вработени лица. Од нив, половината или 13 се домашни и сите нудат вкупно 24 различни брендови, додека останатите се странски, најмногу од Србија, Хрватска, Италија, Грција и Косово.
Една од поголемите, водечки компании која учествува со 28% во вкупното производство на вода кај нас, е Кожувачанка. Изминатите четири години бележи континуиран раст од над 7%, а лани реализира 10% од вкупниот извоз на вода, главно во Либија, Израел, Австралија, Јордан, Ирак и Египет.
Кожувачанка промовираше четири нови инвестиции во иновативни производи, вредни вкупно 350.000 евра: ласерско обележување на датумот на производство наместо досегашното, со мастило, што значи полесно разградување при рециклириање на пластичното шише, систем за точење пиво, ребрендирање на Синалко ладниот чај и лименка газиран пијалак од 0,33 литри.
Според Ратко Мицев од Кожувчанка, компанијата ќе продолжи со воведувањето новитети согласно меѓународните стандарди, но, пред сè, согласно барањата и потребите на потрошувачите.