Оперативната добивка на Жито Лукс (исклучувајќи ја капиталната добивка) е подобрена за 31% во споредба со истиот период од минатата година, се вели во Коментарот на резултатите од работењето за првиот квартал.
“И покрај фактот што вкупните приходи од продажба за првиот квартал од 2015 се приближно исти со остварените во споредбениот период од минатата година, компанијата прикажа зголемени продажби во категориите со високи профитни маржи. Зголемувањето од 2 процентни поени во бруто профитната маржа е како резултат на подобро управување со производните трошоци. Административните трошоци се намалени за 11%. Трошоците за продажба и маркетинг се зголемени за 2%, поради зголемените продажби на леб во парчиња надвор од Скопје што имаше ефект врз зголемување на дистрибутивните трошоци“, се наведува во Коментарот.
Намалувањето во останатите оперативни приходи во споредба со минатогодишните резултати, како што се наведува, е поради капитална добивка од продажба на нетековни средства расположливи за продажба искажана во првиот квартал од 2014. Ова е исто така, главна причина за прикажани намалени резултати од оперативното работење и намален нето резултат за извештајниот период. Доколку се исклучи капиталната добивка во двата споредбени периоди, компанијата оствари подобрување на резултатот од оперативни активности за 31%.
Менаџментот на компанијата ги продолжува напорите за подобрување на оперативната добивка и обртниот капитал. Стратегијата е насочена кон проширување на постојните пазари и навлегување во нови, лансирање на производи со додадена вредност кои ќе ги задоволат специфичните потреби на потрошувачите и силна рекламна покриеност на овие иницијативи.