Жито Лукс: Подобрена бруто добивка за 22% во споредба со 2014 година

34

zito-luks

Подоброто управување со производните трошоци доведе до намалување на трошоците на продадени производи за 10% или зголемување на бруто добивката за 22% споредено со истиот период минатата година, се вели во Коментарот за резултатите од работењето на Жито Лукс во период од први јануари до 30-ти септември оваа година.

Административните трошоци, како што се наведува, се намалени за 4%, додека трошоците за продажба и маркетинг се зголемени за 2% поради зголемените дистрибутивни трошоци.

“И покрај фактот што вкупните приходи од продажба за првата половина од 2015 се приближно исти со остварените во споредбениот период од минатата година, компанијата прикажа зголемени продажби во категориите со високи профитни маржи“, стои подолу во Коментарот.

Намалувањето во останатите оперативни приходи во споредба со минатогодишните резултати, како што се наведува, е поради капитална добивка од продажба на нетековни средства расположливи за продажба искажана во првиот квартал од 2014.

“Во третиот квартал компанијата успеа да оствари оперативна добивка од 10 милиони денари. Менаџментот на компанијата ги продолжува напорите за подобрување на оперативната добивка и обртниот капитал. Стратегијата е насочена кон проширување на постојните пазари и навлегување во нови, лансирање на производи со додадена вредност кои ќе ги задоволат специфичните потреби на потрошувачите и силна рекламна покриеност на овие иницијативи“, велат од компанијата.