Жито Лукс: Подобрени и стабилни резултати за вториот квартал

20

zito-luks

И покрај фактот што вкупните приходи од продажба за првата половина од 2015 се приближно исти со остварените во споредбениот период од минатата година, компанијата прикажа зголемени продажби во категориите со високи профитни маржи, се вели во Коментарот за резултатите од работата на Жито Лукс.

“Приходите од продажба на странски пазар се зголемени за 29%. Подоброто управување со производните трошоци доведе до намалување на трошоците на продадени производи и услуги за 7%, или зголемување на бруто добивката за 33% споредено со истиот период минатата година“, се вели во Коментарот.

Трошоците за продажба и маркетинг се зголемени за 3% поради зголемените дистрибутивни трошоци. Намалувањето во останатите оперативни приходи во споредба со минатогодишните резултати, како што се наведува, е поради капитална добивка од продажба на нетековни средства расположливи за продажба искажана во првиот квартал од 2014.

“Менаџментот на компанијата ги продолжува напорите за подобрување на оперативната добивка и обртниот капитал. Стратегијата е насочена кон проширување на постојните пазари и навлегување во нови, лансирање на производи со додадена вредност кои ќе ги задоволат специфичните потреби на потрошувачите и силна рекламна покриеност на овие иницијативи“, стои подолу во Коментарот објавен на Македонска берза.