Живот после пандемијата – враќање на работа, во кафуле, во фабрика…

476

Повеќе од јасно ни е дека веќе ништо нема да биде исто после пандемијата на Ковид-19. Сигурно се прашувате како ќе изгледа редовното одење на работа, како ќе се пие кафе во омиленото кафуле, како работниците ќе работат во производните погони?

Трговците и бизнисмените смислуваат најразлични креативни начини да почнат да работат, а да бидат сигурни дека ничие здравје нема да биде загрозено, пишува Bloomberg.

Некои земји се поригидни кога станува збор за мерките за претпазливост, како што е случајот со Кина, додека Америка има полежерен пристап. Сепак, она што е јасно е дека во буџетите на компаниите ќе мора да има нови ставки на страната на расходите – за заштитни маски, ракавици, топломери за мерење телесна температура, најразлични уреди или значи што ќе потсетуваат на правилата за социјално дистанцирање, редовно миење раце и слично.

Во канцеларија

Вработените во Unilever во Шангај мора да носат маски, да седат по утврден распоред, по едно лице на секое четврто столче во редот во автобусот што ги носи на работа. Штом пристигнат на работа, секој работник го скенира својот QR код и пополнува извештај за својот здравствен статус за да му биде одобрен влез во компанијата. Потоа следува проверка на температурата и дезинфекција на рацете. Во канцеларискиот простор, движењето е строго регулирано. Не смеат да се движат без маски, наместо лифт им се препорачува да одат по скали. Во кантината е дозволено по едно лице на маса со четири столчиња.

Во казино

Челниците на казината во Лас Вегас разговараа за отворање на мал дел од коцкарниците, со ограничен број на луѓе, на кои пред да влезат ќе им биде измерена температура. Вработените задолжително ќе носат маски и ракавици.

Во ресторан

Многу ресторани планираат “кратење“ на менито, фокусирајќи се само на подготовка на храна што најмногу се продава и што е лесна за правење. Па така, италијанскиот ресторан Macaroni Grill го намали бројот на јадења што ги нуди за 70%, а целосната понуда за појадок на McDonald’s е тргната.

Фото: Pixabay