“Златната“ петорка во Македонија вреди 1,5 милијарди евра

827

Петте најголеми компании во земја, што котираат на берзата, заедно имаат пазарна капитализација од 95,2 милијарди денари или 1,5 милијарди евра, покажува извештајот на Македонска берза – Факти за котираните компании.

Убедливо најголема пазарна капитализација има Македонски Телеком, којашто на 31-ви август достигна 29.710.021.800 денари. Според извештајот, вкупниот промет до 31-ви август достигна 24 милиони денари, а пазарната капитализација се зголеми за 0,08%. Нето добивката на компанијата, во периодот јануари – јуни оваа година, на Телеком беше 692.844.000 денари.

Втора најголема компанија во земјава, од оние што котираат на берза, е Стопанска банка Скопје со пазарна капитализација од 19.243.388.183 денари на 31-ви август. Вкупниот промет до 31-ви август, според извештајот, изнесува 107 милиони денари, додека пазарната капитализација се зголеми за 0,56%. Првото полугодие од оваа година, за банката заврши со добивка од 951.556.000 денари.

Фармацевтската компанија Алкалоид е трета според пазарната капитализација, којашто на крајот на август достигна вредност од 17.465.698.517 денари. Вкупниот промет до 31-ви август достигна ниво од 906 милиони денари, додека извештајот покажува дека пазарната капитализација е зголемена за 5,19%. За Алкалоид, првото полугодие од оваа година заврши со добивка од 511.938.000 денари.

Благодарение на пазарна капитализација од 14.433.630.900 денари, на 31-ви август, НЛБ Банка е на четврта позиција. Вкупниот промет заклучно 31-ви август, според извештајот, е 473 милиони денари, а пазарната капитализација порасна за 3,28%. Нето добивка на банката, во текот на првите шест месеци од оваа година, изнесува 705.377.000 денари.

“Златната“ петорка ја заокружува Комерцијална банка со пазарна капитализација на 31-ви август од 14.358.327.216 денари. Вкупниот промет до 31.08. достигна вредност од 1,9 милијарди денари, а пазарната капитализација бележи пораст од 12,99%. За банката, првите шест месеци од 2020 година завршија со добивка од 743.308.000 денари.

Публикацијата Факти за котираните компании содржи податоци за најликвидните 20 котирани компании на Официјалниот пазар (Супер котација, Берзанска котација и Задолжителна котација), селектирани според прометот од редовно тргување во периодот 01.01.- 30.06.2020 година, како и збирен преглед за останатите котирани компании со кои се тргувало заклучно со 31.08.2020 година.

Фото: Freepik