Значително забавување на побарувачката за кредити во 2016 година

11

nbrm-logo-pocetna

Во 2016 година, побарувачката за кредити значително забави, а за прв пат по подолг временски период има значително забавување на побарувачката за кредити кај корпоративниот и кај секторот население, покажува Годишниот извештај на Народната банка на Република Македонија за 2016 година.

“Во 2016 година, активноста на кредитниот пазар беше солидна. На годишна основа, вкупните кредити се повисоки за 1,0%, односно за 6,5%, доколку се изолира ефектот од регулаторните измени. Растот на понудата на кредити беше поддржан од здравата солвентна и ликвидносна позиција на банките и зголемената конкуренција во банкарскиот сектор. Од друга страна, во 2016 година побарувачката за кредити значително забави, во еден дел одразувајќи ги ефектите од политичката криза во земјата. Ваквите остварувања се потврдуваат и преку резултатите од анкетите за кредитната активност. За првпат по подолг временски период, за 2016 година, анкетата покажува значително забавување на побарувачката за кредити кај корпоративниот и кај секторот население. Од аспект на секторската структура, годишниот раст на кредитите во 2016 година (без регулаторни промени) произлегува од растот на кредитите одобрени на секторот население, додека кредитите на претпријатијата имаат позитивен, но помал придонес во годишниот раст. Со тоа, придонесот на корпоративните кредити во годишниот раст на вкупните кредити, втора година по ред забавува“, стои во извештајот.

Анализата според индивидуалните типови кредити на населението, укажува дека годишниот раст на кредитите и во 2016 година произлегува од растот на кредитирањето за потрошувачки цели и на станбените кредити. Сепак, слично како и кај динамиката на вкупното кредитно портфолио и кај овие две компоненти се забележува забавување на растот. Анкетата за кредитната активност покажува дека кредитните услови за потрошувачките кредити се олабавуваат и во 2016 година, со сличен интензитет како и во текот на претходната година. Од друга страна, растот на побарувачката за потрошувачки кредити значително забави. Забавување на побарувачката е карактеристично и за станбените кредити, каде што во 2016 година се забележува и помалку изразено олабавување на кредитните услови, во споредба со претходната година.