Зошто банките пропаѓаат во петок?

185

Вториот најголем банкрот во американската банкарска историја, преземањето на Silicon Valley bank(SVB), се случи во петокот, на 10 март.

Во текот на таа недела, SVB се обиде да продаде долгорочни обврзници од своето портфолио за да собере доволно готовина за да ги исплати клиентите кои повлекуваа десетици милијарди долари. Се правеа обиди да се најде и стратешки партнер, банка која ќе ja купи, но до петок ништо од тоа не успеа.

Потоа, Федералната корпорација за осигурување на депозити (FDIC) ја презеде банката, а централната банка и Министерството за финансии одлучија во текот на викендот да ги гарантираат сите депозити, а не само 250.000 долари покриени со законот, за да се спречи пазарна паника.

Следните денови во неволја се најде и швајцарската Credit Suisse банка. Викендов беше објавена и веста за нејзиното преземање од УБС банка, на иницијатива на швајцарската народна банка и државата, иако самото преземање сè уште не е спроведено.

Во кризата од 2008 година, стотици банки во САД банкротираа и беа преземени од државата, а повеќето од тие банкроти се случија во петок пренесува Банкар.ме.

Па зошто банките пропаѓаат во петок?

Одговорот е едноставен, државата да ги среди преку викенд, да им обезбеди депозити на клиентите за во понеделник кога ќе дојдат на шалтер, без проблем да си ги добијат парите.

Економистот Владимир Вучковиќ, предавач на Мокрогорскиот универзитет, истакнува дека тоа се прави и затоа што берзите се затворени за викенди.

„Ова се прави за да се разреши состојбата во банката за време на викендот, а поради тоа што берзите се затворени за време на викендот полесно се избегнува реакција на пазарот и пад на вредноста на акциите“, забележува тој.

Банките се затворени во петок, за во текот на викендот, освен што ќе ги средат финансиите, доколку банката најде нов сопственик, да се ребрендира, да го смени името и изгледот.

Во случај да не најде нов сопственик, државата може да создаде привремена банка за премостување на ситуацијата, т.н. „bridge“ банка.