Зошто е добро да почнете бизнис по 40-тата година?

117

Никогаш не е доцна ако имате одлична бизнис идеја што може да повлече и привлече пари. Затоа, не се обесхрабрувајте ако сте пред прагот или веќе живеете во четвртата деценија од животот, а сакате конечно да станете сам свој газда.

Една од главните предности што би ја имале во светот на претприемништвото, што неформално е во рацете на помладите генерации, е вашето “наталожено“ искуство, знаење и контакти. Сите овие работи може да ги завртите во своја полза и да успеете преку нив да развиете успешен и одржлив бизнис.

Затоа, искористете ги контактите што веќе сте ги воспоставиле, поврзете се со луѓе со кои претходно сте соработувале, ве познаваат и имаат доверба во вас. Така ќе изградите солидна основа за вашиот бизнис.

Нема да ви биде страв дека се наоѓате на непознат терен, иако можеби за прв пат сте во тој бизнис, благодарение на искуството што сте го имале претходно. Можеби сте работеле во голема корпорација, каде сте научиле многу за работа во тимови, градење релации со вработените и претпоставените… Сето тоа ќе ви помогне да се снајдете подобро во нова средина, со нови луѓе, кои носат нови предизвици и можности.

Искуството што сте го имале претходно, денес само ќе ви даде поголема самодоверба и полесно да “пливате“ во бурните претприемачки води. Сепак, не заборавајте дека мора да бидете флексибилни, отворени за соработка и нови искуства. На патот може ќе треба да наидете и на помлади и помалку искусни колеги, на кои не треба веднаш да им кажете “каде им е местото“, туку да имате позитивен став и да бидете подготвени на соработка.

Дека никогаш не е доцна, доказ се и овие луѓе кои во петтата деценија од животот почнале да градат империи од кои денес за себе и за своите наследници оставаат милиони или милијарди на располагање.

Фото: Pixabay