Зошто не влеговте во вториот круг од разговорот за работа?

182

Барањето соодветна работа е процес што бара многу време, трпение… за да можете да успеете да ги поминете сите филтри и на крајот да го добиете работното место што го посакувате.

Вообичаено меѓу компаниите коишто бараат вработени првиот филтер е тестирањето. Тоа се состои од прашања поврзани со работата, дејноста или психолошки тест што треба да ја открие личноста на потенцијално новиот вработен. Оние кандидати што ќе го поминат овој филтер, преминуваат на следното ниво, а тоа е интервју за работа. Во овој дел, кандидатот најчесто има задача да се претстави себе, своето знаење, образование и искуство пред лица кои се задолжени за процесот на регрутирање, најчесто тоа се менаџери за човечки ресурси. Само уште еден чекор ве дели од добивање на работното место, а тоа е вториот разговор… Но, ако сте дотуркале до тука и добивате повратен потврден одговор од компанијата во којашто аплициравте за работа, тогаш можно е да се случило нешто од ова:

Не му одговарате на работодавачот

Можеби имате премногу или премалку искуство, соодветно образование или некоја друга квалификација што би ве оддалечила од работното место. Како опција може да е и можноста дека некој друг кандидат му оставил поголем впечаток на работодавачот, се покажал како покомпатибилен со неговите потреби или некоја особина многу повеќе му се допаднала одошто кај вас.

Сте оставиле погрешен впечаток

Првиот впечаток игра голема улога при одлучување за тоа кој кандидат е најдобар. Размислете, можеби на некое прашање сте одговориле погрешно, несоодветно или едноставно вашата енергија не му се допаднала на тој што ве интервјуирал. Ако сте покажале малку поголема нервоза или на некое прашање сте покажале поголема доза на ароганција, тоа може да ве оддалечи од можноста да ја добиете работата.

Не сте се претставиле во вистински светло

Нормално е да се чувствувате како да сте во грч поради страв и стрес, па поради тоа многу од работите што сте сакале да ги кажете, сте ги заборавиле. Сепак, тоа може да ја наруши сликата за вас, бидејќи работодавачот не ве познава од претходно за да знае што би сакале да кажете. Некои работодавачи, кои интервјуираат кандидати за работа се соочуваат и со проблемот да имаат кандидат кој ја “нашминкал“ кратката биографија, па кога ќе стане збор за некоја вештина, информација, предзнаење… тогаш кандидатите се фаќаат во сопствената замка.

Без оглед на тоа што не ве повикаа на втор разговор и што не ја добивте работата за којашто аплициравте, не треба да очајувате, туку да продолжите достоинствено да се борите. Информирајте се за компаниите што нудат работа, аплицирајте на повеќе места, добро подгответе се за следното интервју, бидете свесни за предностите и слабостите што ги имате, поработете на нив и верувајте дека следното интервју ќе биде успешно, а одговорот позитивен.

Фото: Freepik