Зошто сопствениците најчесто сакаат да се “ослободат“ од својот бизнис

214

Желбата да се има сопствен бизнис претставува порив на секој претприемач. Да се создава, гради, развива и зголемува еден бизнис е исклучително тежок, но не и невозможен процес. Сепак, се случува во одреден период, претприемачот да ја загуби желбата, да му снема енергија, да нема доволно мотив за да продолжи да го води бизнисот и едноставно сака да се “ослободи“ од него. Тоа е честа појава и во кризни ситуации, но предизвиците никогаш не треба да ги плашат храбрите претприемачи.

Но, зошто и најсилните понекогаш се откажуваат од својата идеја:

Премногу обврски

Иако на почетокот желбата да се има сопствен бизнис била посилна од сè, со текот на времето тој ентузијазам спласнува бидејќи луѓето не можат да се носат со сите обврски. Дополнително, тој притисок е уште поголем ако во исто време се управуваат неколку бизниси. Затоа, не е решение веднаш да се откажете, побарајте помош, делегирајте, создадете тим што ќе ви помогне да ги надминете потешкотиите.

Огромен ризик

Претприемачот не треба да се плаши од непознато и од она што ќе го донесе утрешниот ден во бизнисот. Таа неизвесност му создава притисок што го мотивира да изнаоѓа нови решенија. Но, ако работите излезат од контрола, ризикот станува преголем, притисокот неподнослив, а атмосферата токсична, тогаш најдобро е да се запре работата. Преголемиот ризик не може да го остави претприемачот да размислува со “ладна“ глава, напротив му создава дополнителна напнатост што само може да остави уште поголем и последици.

Силна или нелојална конкуренција

Здравата конкуренција на пазарот е важен спаринг партнер, ако сакате да останете во кондиција и да се борите за својот медал. Понекогаш се појавуваат конкуренти што имаат моќни алатки со коишто сакаат да ги “збришат“ сличните на нив. Кога се борите со конкуренција што е лојална и фер играч, тогаш имате можност да се покажете и докажете, но ако играта е нечесна во тој случај секој обид станува залуден, како и потрошеното време, пари и енергија.

Преголеми давачки

Ако имате проблем со ликвидноста, тогаш побарајте совет од консултант, сметководител, банкар, инвеститор… Но, ако мака мачите да ги сервисирате обврските и тоа трае подолго време, тогаш можеби треба да промените бизнисот и да почнете нешто сосема ново. Секогаш треба да знаете дека постојат трошоци што мора да ги подмирите без оглед на тоа колкави приходи сте оствариле. Ако таквата ситуација не е од сезонски карактер, туку константно ви се трупаат долгови, тогаш реагирајте на време.

Едноставно не оди

Тоа е можеби и најчестиот изговор што може да го даде еден претприемач што ставил клуч на врата на својот бизнис. Иако тоа не е добра идеја, бидејќи останувате без бизнисот, оставате други луѓе без работа, добавувачите и потрошувачите остануваат без соработник… сепак продажбата на бизнисот може да биде најдоброто решение за да не пропадне целиот труд, време и пари што сте ги потрошиле. Преку продажбата, бизнисот ќе има шанса да се рестартира, да добие свеж прилив на капитал, вработените да ги задржат своите места.

Фото: Pixabay