Зошто странските инвеститори ја бираат Србија?

68

Странските инвеститори доаѓаат во Србија само ако успеат да обезбедат профит кој е за една петтина повисок од матичната земја, велат консултантите за Новости.

Субвенциите на државата, даночните олеснувања, поволностите при купувањето земјиште, евтината работна сила и трговските договори кои овозможуваат бесцарински извоз на трети пазари се некои од мотивите на странските компании кои доаѓаат во земјата. Но, најважно им е да имаат заработка значително повисока отколку во матичната земја.

Со толкава разлика во профитот, тие можат да ги нивелираат евентуалните загуби на курсните разлики, ненадејни промени на даночната политика, големите трошоци поради лошата инфраструктура, но и поради корупцијата.

Официјално, никој во Србија не може да тврди дека пресметката на странските инвеститори навистина изгледа така. Од друга страна, пак, да се очекува поголем профит за многумина не е невообичаено.

Во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот (СИЕПА), тврдат дека за такви пресметки никогаш не слушнале. Секој инвеститор ја избира Србија од специфични причини.

“Не можеме универзално да зборуваме за различни компании, од различни индустрии, со различни пазари. Тука има премногу непознати. Со такви пресметки не сме се сретнале во разговорите со инвеститорите, ниту на некои стручни дискусии. Компаниите донесуваат одлуки врз основа на тоа дали се работно интензивни или не. На некои им е важна евтината работна сила, на другите техничкото знаење или близина на граница. Профитот не е единствен мотив”, вели Александар Милорадовиќ од СИЕПА за Новости.