Тетекс лани прокнижи добивка од 47 милиони денари

45

teteks tetovo

Тетекс од Тетово во период од први јануари до 31-ви декември 2015 година оствари вкупна сеопфатна добивка од 47.148.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период во 2014 година, компанијата прикажа добивка од 7.668.000 денари.

“Значително влијание врз финансискиот резултат во 2015 година имаа приходите од дивиденди. Во 2015 година се остварени финансиски приходи од 67.132.000 денари, во коишто се вклучени приходите од дивиденди од поврзаните друштва Петролгас ДООЕЛ од Тетово со 59.695.00 денари и ТТК Банка 6.146.000 денари, како и дивиденди од други правни лица во износ од 229.000 денари“, стои во Образложението за остварените резултати.

Вкупните приходи од продажба во 2015 година достигнаа 235.492.000 денари, од кои на домашен пазар се реализирани 116.440.000 денари, додека поголемиот дел од 119.052.000 денари се остварени на странски пазари.

“Напорите на менаџментот на Тетекс се во правец на остварување на позитивно работење на компанијата преку изнаоѓање нови пазари и рационализација на трошоците на работење. Во последниве години, Тетекс се ориентира кон мошне значајна дејност којашто значително учествува во вкупните приходи на компанијата, односно издавање на слободните простори под закуп на други правни лица. Многу компании, задоволни од условите што ги нуди Тетекс, веќе работат во кругот на компанијата, а голем е интересот и на други компании“, стои подолу во Образложението.