Познатата американска компанија Caterpillar го најавува првиот паметен телефон со вградена топлинска камера – Cat S60.
Во овој телефон има вградена топлинска камера од страна на компанијата Flir, којашто е лидер во технологијата на топлинско скенирање.
“Cat S60 е идеален за градежници, електричари, служби за итна помош, комунални работници и за многу други, бидејќи термичката камера нуди голем број опции, заштедува пари и време во откривање на загубата на топлината од прозорците или вратите, појава на влага или пронаоѓање на прегреани апарати“, велат од компанијата.
Овој мобилен телефон е водоотпорен и на длабочина од пет метри може да издржи еден час, со што може да се користи и како подводна камера. Освен тоа, екранот има поддршка доколку корисникот користи ракавици или го користи телефонот со влажни раце.
Cat S60 ќе биде претставен на светскиот конгрес за мобилни уреди, што се одржува во Барселона од 22-ри до 28-ми овој месец. Се очекува овој телефон да почне да се продава кон крајот на годинава по препорачана цена од 649 евра.