Бизнисмени од Велес се сретнаа со претставници на Унгарската национална трговска комора во Македонија

48

Во организација на Унгарската национална трговска комора во Македонија, а во соработка со Општина Велес, денеска во Велес се одржа средба со бизнисмените од велешкиот регион, а на која присуствуваше и унгарскиот амбасадор во Македонија Јосеф Бенце, пишува Миа.

Како што појасни Сашо Јанакиевски од Унгарската национална трговска комора, Македонија е првата земја од Западен Балкан каде Унгарија има отворено Национална трговска куќа.

“Ние денеска заеднички ги разгледавме можностите за продлабочување на соработка. Од 2014 година двете држави досега потпишаа 18 спогодби кои се однесуваат за повеќе области“, рече Јанакиевски.

Според Ервин Сел, економски советник во Амбасадата на Унгарија во Македонија, во рамки на Амбасадата работи независно економско аташе, а  целта е да помогне во бизнис соработката помеѓу двете држави.

“Сметам дека имаме голем потенцијал за соработка во поглед на земјоделството, водостопанството, екологијата, туризмот. На овој начин ние ги запознаваме потенцијалните партнери, а на нив потоа останува да видат колку од тоа можат да го реализираат“, потенцира Сел.

Амбасадорот Јозеф Бенце информира дека во рамки на Унгарската трговска куќа има околу 300 трговски партнери кои се занимаваат со трговија и производство.