Здружението Ауреола од Струга заедно со невладини организации од Република Албанија, изработија посебна стратегија со која ќе го развиваат туризмот на струшкото крајбрежје. Проектот ќе се одвива во рамките на ИПА-3 компонентата за прекугранична соработка.
Како што истакне Арбеша Влаши од здружението Ауреола, акцентот ќе биде ставен врз привлекување туристи и зголемување на нивниот број, не само за време на официјалната летна сезона, туку и во текот на останатите месеци од годината.
“Една од целите на оваа стратегија е како Струга да биде туристичка дестинација и надвор од езерскиот туризам што го има само во јули и август. Како причини за слабата посетеност на градот по завршувањето на летната сезона во стратегија ги наведовме непостоењето инфо-центри и атрактивни аранжмани надвор од туристичката сезона”, појаснува Влаши.
Со цел да се привлечат повеќе туристи, промотивни материјали ќе се нудат во повеќе земји, како и на аеродромите во Охрид, Скопје, Приштина и Тирана. Културното богатство во овој регион ќе биде во фокусот на промоцијата.
“Туризмот ќе се промовира и преку природните ресурси, но примарното место ќе го има културното наследство, Исто така, стратегијата содржи и методолошки начини како успешно да биде спроведена и да даде поголем поттик во развојот на економијата во Струшкиот регион”, додава Влаши.
Оваа стратегија за развој на туризмот ќе трае пет години, а истата беше усвоена и од страна на Советот на општината.