Социјално свесните иноватори се вистински шампиони на глобалниот напредок, пишува Mashable.
Порталот одвои повеќе иновации коишто на генијален начин решаваат проблеми што се секојдневие на милиони луѓе ширум светот.
Maternova – облека за заштита на бремени жени од убоди од инсекти
Maternova е старт – ап чија иновација е насочена кон потребите на бремените жени, особено во регионите зафатени од вирусот Зика. Тие создадоа линија на облека којашто содржи средства против инсектите што го шират овој вирус. Дизајнерите тврдат дека облеката ја заштитува жената од над 40 видови на инсекти и дејствува и до 50 перења.
Чип за брза дезинфекција на вода
Чип во форма на црн четириаголник, што ја користи сончевата светлина за да ја прочисти водата за само 20 минути. Кога ќе се стави во вода и потоа на Сонце, реагира со двата извора на енергија и формира хидроген пероксид и други антибактериски хемикалии. За кратко време ги снемува хемикалиите, по што водата е дезинфицирана.
Aipoly – апликација што им помага на лицата со оштетен вид
Aipoly е апликација за корисниците на iPhone, што им помага на луѓето со оштетен вид на лесен начин да идентификуваат најразлични објекти. Корисникот треба само да го насочи мобилниот телефон кон предметот или бојата, па апликацијата ќе го препознае и ќе испрати говорна порака до него.
Обвивка за храна направена од млеко
Американскиот оддел на земјоделски истражувања создаде и разви биоразградлива обвивка за храна направена од млечни протеини. Обвивката, според проценките, е 500 пати подобра од пластичните амбалажи, бидејќи ја задржува свежината на храната.
Уред што ја следи потрошувачката на струја во домашни услови
Група научници од Универзитетот Масачусетс создадоа едноставен сензор што ја следи потрошувачката на електрична енергија во домашни услови. Уредот, чија цена ќе биде околу 30 долари, се поставува на главната енергетска линија во домот.