Фото: Blickpixels/Pixabay
Индустриското производство во февруари оваа година, во однос на истиот период лани, е намалено за 1,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во февруари 2017 година, во однос на февруари 2016 година, бележи опаѓање од 4,9%, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 4,4%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 31,9%.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и уреди, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во февруари 2017 година, во однос на февруари 2016 година, бележи пораст кај Енергија за 17,5%, Интермедијарни производи, освен енергија за 1,2%, Капитални производи за 0,1%, додека опаѓање бележи кај Трајни производи за широка потрошувачка за 7% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,3%.
Индустриското производство во периодот јануари – февруари 2017 година, во однос на периодот јануари – февруари 2016 година е намалено за 1,9%.