Кипарскиот парламент го одби предлогот за оданочување на депозитите

44

kiparКипарскиот Парламент вчера го отфрли предлогот на еврозоната и ММФ за оданочување на банкарските депозити во замена за 10 милијарди евра помош.

Триесет и шест пратеници од 56 гласаа “против“, 19 беа воздржани, a eден пратеник беше отсутен.

Претседателот на парламентот Јанакис Омиру претходно ги повика пратениците да и кажат “не” на уцената.

“Одговорот на оваа уцена може да биде само “не“. Со таквата одлука сакаат да извршат рација на банкарските средства”, изјави Омиру од социјалдемократската партија Едек.

Минатата недела кредиторите од еврозоната и ММФ и одобрија помош од 10 милијарди евра на оваа островска земја за да го избегне банкротот, а еден од условите беше сите депозити во банките да бидат еднократно оданочени, и тоа поголемите од 100.000 евра со каматна стапка од 9,9%, а помалите депозити со стапка од 6,75%.

За стабилизација на финансиите на Кипар му се потребни околу 17 милијарди евра, а европскиот предлог прв пат во историјата навлегува во неотуѓивото право на приватна сопственост и бара од земјата со данок на штедни влогови да обезбеди уште 5,8 милијарди евра.