Поимот штедење значи чување на материјални добра и пари за нивно користење во некој иден временски период. Теоријата препознава неколку видови на штедење: материјално, парично, индивидуално, колективно, доброволно и присилно. Поради големото значење на штедењето за економијата, секоја земја води грижа за оваа економска категорија и основа институции чија цел е да го поттикнува населението да штеди.
Уште одамна е познато штедењето под перница или во сеф. Овој вид на штедење, и покрај развиените инструменти, сè уште е атрактивен кај многу луѓе. Им овозможува да заштедат колку што им дозволуваат можностите во текот на месецот, но и да ги имаат на располагање доколку се појави некаква потреба.
Банките претставуваат значајни институции во процесот на поттикнување на населението да штеди. Постои штедење по видување, орочено, комбинирано и уште многу други видови адаптирани на потребите на населението. Штедењето по видување или a vista штедење му овозможува на штедачот да располага со своите пари во било кој момент. Банката на овој вид на штедење пресметува камата на средствата што штедачот ги има на сметка. Од таа причина, каматната стапка на овој вид штедење е пониска од онаа кај орочените. Орочената заштеда подразбира штедење на одреден временски период (три, шест, 12 месеци или повеќе години). Износот на пари на штедачот му е достапен по истекот на овој рок.
Исто така, постои и можност за штедење со осигурување. Се работи за долгорочно штедење што овозможува однапред познат принос со истовремено покритие за ризиците од несреќен случај, како што се смрт или инвалидитет во текот на осигурениот временски период.
И доброволните пензиски фондови може да претставуваат извор на заштеда за луѓето. Ова овозможува долгорочно штедење во текот на пензионерските денови на корисникот. Средствата се зголемуваат со придонесите што ги уплаќа корисникот, а тој износ се инвестира во најквалитетни хартии од вредност, а остварената добивка редовно се припишува на основниот износ. Инвестициските фондови, исто така, даваат прилика за штедење преку инвестирање во најразлични хартии од вредност.
Неколку екстра совети за штедење
Доколку имате прилика да одвоите одреден износ од месечните приходи, почнете да размислувате да својата иднина и за штедењето.
Информирајте се за сите можности за штедење што ги нудат финансиските институции во земјата и условите што ги даваат.
Никогаш не е доцна за почеток на штедењето и ниту еден износ не е мал.
Во секој момент може да се штеди и со разумна потрошувачка.
Во 1924 година, во Милано е основан Меѓународниот институт за штедење, а во исто време е воведен и Светскиот ден за штедење, 31-ви октомври, кога посебно внимание се обрнува на подигнување на свеста за штедењето.
Фото: Pexels