Резултати од истражување на пазарниот потенцијал во Македонија на AllWeb конференцијата

74

allweb-580x435

На конференцијата за дигитален маркетинг AllWeb, што ќе се одржи на 17-ти ноември во Скопје, ќе бидат претставени резултати од истражувањето за вкупниот пазарен потенцијал во Македонија и анализата за интернет продажба на производи за широка потрошувачка на агенцијата за истражување на пазарот – Инсајдер ИД, стои во соопштението.

Компаниите, како што се наведува, се обидуваат да пронајдат нови дистрибутивни канали за да го компензираат намалувањето на профитот и маржите на производите. Од друга страна, трговијата на Интернет се потенцира како иднина на односот продавач – купувач. Во светски рамки, големите ланци на супермаркети им овозможуваат на потрошувачите намирниците за дома да ги купат онлајн. Но, дали македонските компании се подготвени да го следат овој тренд?

“Промените во навиките кај македонските потрошувачи за пазарење на Интернет ќе ги условат компаниите од секторот на стоки за широка потрошувачка и супермаркетите да отвораат интернет продавници. Македонскиот интернет пазар сè уште е мал, но со сигурност во следните 5 години ќе има значајно финансиско и количинско зголемување, со што интернет продажбата ќе биде незаменлив дистрибутивен канал”, вели Сергеј Зафироски, директор на Инсајдер ИД, агенција за истражување на пазарот.

Неколку компании во Македонија веќе го направија првиот чекор, давајќи им можност на своите потрошувачи наместо да одат во супермаркет, производи за широка потрошувачка да купат на Интернет. Сепак, врз интензитетот на интернет продажбата влијаат неколку различни фактори кои мора да се имаат предвид за да се дефинира точниот потенцијал, како што се старосната структура на потрошувачите, културата на користење, достапност на интернет, платежниот систем и платежните навики како и довербата во интернетот во целина.

Сепак, според Зафироски, ситуацијата ќе започне да се менува во следните една до две години, кога и за маркетите во Македонија ќе се појави потреба од користење на новиот современ канал.