Фото: Pexels
Агенцијата за храна и ветеринарство започна со спроведување активности за добивање дозвола за извоз на свежо свинско месо на европскиот пазар стои во соопштението од агенцијата. Во таа насока, предвидено е да се прекине превентивната вакцинација на свињите против болеста класична свинска чума по што Агенцијата ќе побара од Европската Унија, Македонија да добие статус на слободна земја за извоз на свежо свинско месо и на европскиот пазар.
Акцискиот план предвидува спроведување повеќе активности, меѓу коишто се зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, мониторинг на присуство на вирусот кај дивите свињи во Република Македонија, за што веќе се потпишани договори со ловните друштва, спроведување на мониторинг на кланиците при колење на свињите за утврдување присуство на антитела на вирусот и подобрување на системот за идентификација и регистрација на свињите во земјата. Исклучително важна е и мерката што се однесува на прекин на превентивна вакцинација против класична свинска чума во Република Македонија.
Бенефитот за фармерите ќе биде голем како од аспект на подобрувањето на здравствената заштита на животните, а со тоа и намалување на трошоците за лекување на животните, но најважно за нив ќе биде отворањето на новите пазари за извоз на свежо свинско месо и можноста за развој на гранката во целина. Тоа ќе овозможи подобрување на економската состојба и стандардот на самите фармери.