Како продолжение, а воедно и затворање на овогодинешниот проект на Ротари Клуб Скопје Камен Мост за намалување на изложеноста на децата на загаден воздух, донирани се нови 12 уреди за прочистување на воздухот, овојпат за градинките Распеана младост и Орце Николов во општината Карпош.
Проектот којшто започна во ноември со донација на уреди за градинките лоцирани во општината Центар ќе биде затворен за оваа сезона со донација на уреди за потребите на градинките на територијата на општина Карпош.
Освен што директно ги помогна градинките во овие две општини, проектот беше масовно прифатен од институциите, други клубови и хуманитарни организации, стопански и индивидуални донатори, за да денес некои општини целосно ги имаат покриено потребите од вакви прочистувачи за своите градинки, како што е примерот со општините Битола и Кавадарци, додека други општини се на добар пат да ја реализираат истата цел.
Благодарение на општината Карпош, а финансиски помогнати од страна на бизнис заедницата, партнери на клубот, овие дополнителни 12 прочистувачи, од моделот Blue Air 221 од произведувачот Blue Air од Шведска, ќе овозможат да просториите во коишто нашите најмили ги поминуваат своите детски денови бидат заштитени од ефектите на загадениот воздух.
Покрај реализацијата на донациите, следната цел на клубот е дополнително подигање на свеста кај децата од нивна најрана возраст за загаденоста на воздухот, и можноста за индивидуален и групен придонес во решавањето на проблемот. Клубот има изработено систем за известување на нивото на загаденоста во училишните средини, и прескриптивни мерки коишто наставниците и учениците би ги следеле за време на нивниот престој во училиште, за да ја минимизираат својата изложеноста на загадениот воздух. Иницијатива наиде на одобрување од градот Скопје, и би можела потенцијално да се реализирал следната година.