ОКТА и Хеленик Петролеум доделуваат стипендии за постдипломски студии во Грција

34

Втора година по ред, студенти од Македонија ќе добијат можност за стипендии од ОКТА и од Хеленик Петролеум Групацијата за постдипломски студии во Грција. Конкурсот за аплицирање за овие стипендии е отворен, а наменет е за студентите од Машинскиот, Технолошко – металуршкиот, Природно – математичкиот, Правниот и Економскиот факултет.

Стипендиите се доделуваат за Постдипломска програма за енергетска стратегија, право и економија на Универзитетот во Пиреја, како и за Постдипломски студии по нафтен инженеринг на Техничкиот универзитет на Крит. Покрај школарината на факултетите, стипендијата ќе ги покрива и трошоците за живот во Грција на студентите, во висина од 1.000 евра месечно. Пристигнатите апликации ќе ги оценуваат стручни комисии на универзитетите, кои ќе одлучат кои студенти ќе ги добијат стипендиите.

Овие стипендии претставуваат одлична можност за амбициозните студенти да го продолжат образованието и да го надградат своето теоретско и практично знаење на истакнати универзитети во Грција. Главната цел на програмата е едукација и обука на студентите, со цел да се стекнат со поширока научна основа од областа на нафтената индустрија и енергетскиот сектор. Истражувањата и предавањата на двете постдипломски програми се одвиваат на англиски јазик, преку спроведување иновативни методи, кои вклучуваат семинари, едукативни посети, истражувачки проекти поврзани со енергетскиот пазар и нафтената индустрија во и надвор од Грција, со посебен акцент на поширокиот Балкан и Југоисточна Европа, каде е активна Групацијата Хеленик Петролеум.

Стипендиска програма започна минатата година кога Групацијата Хеленик Петролеум потпиша тригодишен договор за соработка со универзитетите во Пиреја и на Крит. ОКТА, како дел од Хеленик Петролеум, најголемата енергетска групација во Грција и регионот, постојано инвестира во образованието, истражувања и иновации преку соработка со универзитети и центри за истражување во Грција и пошироко.

Повеќе информации за конкурсот за Постдипломски студии по нафтен инженеринг на Техничкиот универзитет на Крит можете да прочитате на следниот линк на интернет страницата на ОКТА.

Деталите за конкурсот за Постдипломската програма за енергетска стратегија, право и економија на Универзитетот во Пиреја ќе бидат објавени деновиве исто така на www.okta-elpe.com.