НБРМ реализираше еднодневна работилница за ФинТек

25

Вчера (28 мај, 2018), Народната банка на Република Македонија, со поддршка од Фондот за развој на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ) реализира еднодневна работилница за финансиската технологија – ФинТек. Целта на оваа работилница е подетално запознавање на дел од стручните лица од централната банка со оваа нова финансиска индустрија, како и анализирање колку е актуелно ова прашање во глобални рамки и какви се досегашните искуства на земјите каде што има развиена ФинТек индустрија и во земјите во развој.

Како што истакна гувернерот на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска во нејзиното воведно обраќање, иако во континентална Европа, ФинТек-компаниите сочинуваат само мал дел од пазарите за банкарство, платежни услуги и управување со средства, сепак, тие се во пораст, бидејќи брзо влегуваат на пазарите и се натпреваруваат со банките.

Според Индексот за прифаќање на ФинТек, една третина од потрошувачите користат најмалку две или повеќе ФинТек-услуги и стануваат сѐ повеќе свесни за ФинТек како дел од нивниот секојдневен живот. Со евалуација на услугите коишто ги нудат ФинТек-организациите во пет широки категории – трансфери на пари и платежни услуги, алатки за финансиско планирање, заштеди и инвестиции, позајмување и осигурување.

Индексот покажува дека трансферите на пари и платежните услуги продолжуваат да бидат водечки во промената остварена преку Фин-Тек. Ова е сигнал дека и централните банки треба катадневно да се интересираат за случувањата коишто произлегуваат од развојот на оваа финансиска технологија и да го едуцираат својот кадар, за да биде подготвен за новите предизвици на глобално ниво, бидејќи како што потенцира гувернерот Ангеловска-Бежоска, брзиот пораст на ФинТек-организациите создаде многу дилеми, меѓу кои, клучна е дилемата кои се придобивките што ФинТек ги носи во општеството, од една страна, и кои се ризиците што ФинТек ги создава, од друга страна.

“Темата ФинТек добива сѐ поголемо внимание во централнобанкарската заедница, вклучително и во нашата централна банка. Ние, внимателно го следиме развојот на ФинТек, проценувајќи ги придобивките и ризиците што тие ги носат и се обидуваме да го постигнеме оптималниот бенефит, имајќи го предвид локалниот контекст. Важен чекор во оваа насока е нацрт-законот за плаќања, кој се очекува да обезбеди импулс за нови иновативни компании со иновативни, но безбедни финансиски услуги” – истакна гувернерот Ангеловска-Бежоска во завршницата на нејзиното обраќање.

Неколкучасовната работилница ја водеше, г. Џеј Тикам, експерт во областа на ФинТек, којшто има дваесетишестгодишно работно искуство во областа на комерцијалното работење, од кое, дваесет и две години работи во сегментот на финансиските услуги. Акцентот на неговата презентација беше на согледување и анализирање на ФинТек од позицијата на централните банки, при што на стручните лица од Народната банка им пренесе и бројни искуства и ставови на други централни банки од Европа. Во вториот дел на работлницата се водеше плодна дискусија во којашто партицпираа стручните лица од Народната банка чие работење има допирни точки со проблематиката на ФинТек.

Оваа работилница е само еден од многуте проекти коишто Народната банка ги реализира со поддршка од Фондот за развој на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ), којшто е долгогодишен партнер на нашата централна банка во доменот на финансиската едукација.