Фото: UNStudio
Холандското архитектонско студио UNStudio ги претстави дизајните за проектот IJbaan, систем за јавен транспорт во форма на жичница којашто ќе се протега над заливот и ќе ги поврзува западниот и северниот дел на Амстердам, пишува InHabitat.
Првичниот нацрт предвидува кабелот на жичницата да биде долг 1,5 километри, но согласно потребите ќе може лесно да се проширува и наддава во иднина.
Засега е предвидено системот да се состои од две станици и три помошни столба со различни висини. Транспортот ќе трае 4-5 минути, а патувањето ќе биде со просечна брзина од 21км/час. Кабините за патници ќе може да опслужат 32-37 патници, додека, пак, во велосипедските кабини ќе може да се пренесуваат 4-6 велосипеди.
Бидејќи проектот е целосно поддржан и од опшинските и другите јавни органи, се планира да прерасне во јавен транспортен систем со поголем број на транспортни центри и дестинации.
Фото: Facebook
Инаку овој проект првично беше нарачан од Фондацијата IJbaan (Stichting IJbaan), граѓанското движење кое започна во 2015 година, како кампања со цел собирање пари за финансирање одржливи проекти. Жичницата, како исклучително одржлив јавен транспортен систем, брз и зелен начин на патување, сега е поддржан и од општинските власти, а иницијативата има за цел “да создаде нова врска преку заливот“ и тоа до 2025 година, кога се одбележува 750-тата годишнина на Амстердам.