Најголемиот холандски стадион, Јохан Кројф Арена неодамна доби нов систем на батерии за складирање на електрична енергија, пишува Nissan Insider. На тој начин некогашната Амстердам Арена добива сигурно и ефикасно снабдување на целиот стадион со електрична енергија во секој момент.
Батериите ќе се напојуваат од 4.200 фотонапонски панели вградени на стадионот, а целиот систем ќе биде споен и со градската електрична мрежа како би можеле да сe разменуваат вишоци енергија. Овие батерии инаку се исти како оние што се користат во електричните автомобили на Nissan Leaf , со што компанијата Nissan станува еден од стратешките партнери во проектот.
За целиот проект се употребени 148 батериски сетови, со капацитет од 2,8 MWh и најголема моќност од 3 MW, коишто продуцираат доволно енергија за напојување на околу 7.000 домаќинства за еден час.
Инаку овој проект освен што ќе обезбедува резервна енергија за стадионот и ќе помогне во стабилизирање на мрежата, ќе може да се користи и за други цели, како на пример за полнење на електричните автомобили на еден од полначите инсталирани на паркингот на стадионот.