Фото: Hidria
Словенечката компанија Hidria отвори нова високотехнолошка, потполно автоматизирана производствена линија за својот систем на ладен старт за дизелските мотори Optymus PSG, пишува Biznis Info.
Овој нов систем којшто е интегриран во комората за согорување на дизел моторите, придонесува за развојот на дизел технологијата на иднината и е еколошки многу напреден.
Системот функционира на тој начин што ги собира податоците за притисок во моторот повеќе од 100.000 пати во секунда и преку микроелектронски чипови и дигитални алгоритми ги испраќа до централниот компјутер на моторот. На тој начин во реално време го оптимизира вбризгувањето на горивото. Како резултат на ова и потрошувачката, но и емисијата на штетните гасови значително се намалувваат.
Високотехнолошкото достигнување на Hidria веќе се користи во модерните дизел модели на некои од најголемите светски автомобилски производители каков што е Volkswagen Group со моделите Seat и Škoda, како и кај Audi. Инаку овие мотори ги задоволуваат сите моментални регулативи за емисијата на штетни гасови, дури и регулативите што ќе стапат на сила во 2020 година.
Hidria Corporation е глобален лидер во производство на електрични челични ламели и ротори за мотор со преку 1.800 вработени во фабриките во Словенија, Германија, Унгарија и Кина.