Намалени трошоците на живот и цените на мало во ноември

54

Фото: Pixabay

Трошоците на животот во ноември 2018 година, во однос на претходниот месец, се намалени за 0,2%, додека кај цените на мало падот е за 0,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалување на трошоците на животот во ноември 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 14,3%, замрзнатиот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 1,6%, маслото и маснотиите, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,8%, млекото за 0,6%, другите пекарски производи за 0,3%, брашното и другите жита, јогуртот за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7,4%, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 4,2%, гасот за домаќинствата за 2,2%, течните горива за домаќинствата, туристичките пакет – аранжмани за 1,6%, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики, игрите, играчките и хобијата за 1%, малите електрични апарати за домаќинствата, средствата за чистење и одржување на станот за 0,9%, информатичката опрема за 0,6%, телефон и телефакс-опремата за 0,4%, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, градините, растенијата и цвеќињата за 0,2%.

Пораст на трошоците на животот во ноември 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови, за 6%, замрзнатото овошје за 2,2%, сувото овошје и јаткастите производи за 1,6%, сирењето и урдата за 0,9%, другите прехранбени производи за 0,8%, конзервираното овошје за 0,6%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,4%, месото, рибата и морските плодови за 0,3%.

Во ноември 2018 година, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај цврстите горива за 2,3%, парамедицинските услуги за 2,1%, обувките за 1%, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 0,4%, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 0,2%.

Трошоците на животот во ноември 2018 година, во споредба со ноември 2017 година, забележаа пораст од 1,2 %, а кај цените на мало забележа пораст за 1,9%.