Ford Focus избран за автомобил на годината и во Македонија

40

Комплетно новиот Ford Focus е прогласен за Автомобил на годината за 2019 во Македонија, откако оваа титула претходно ја понесе во Словенија и во Хрватска. Исто така, Focus е еден од седумте автомобили на кратката листа за наградата Европски автомобил на годината, која ќе биде најавена во март, стои во соопштението.

Стручно жири, по 24-ти пат, ги вреднуваше, тестираше и бодираше автомобилите според различни критериуми и притоа, едногласно одлучи Focus да ја добие титулата Автомобил на годината 2019.

“По анализата на сите својства на возилата кои беа избрани како финалисти и по практичното запознавање со возните карактеристики, членовите на Националното жири за Избор на автомобил на годината во Македонија, титулата ја додели на Ford Focus. Националното жири се раководеше од шесте критериуми: адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн и комфор и опременост. Победничкото возило Ford Focus доби 69 бодови од  жирито, пред Citroen C5 Aircross со 67 и Kia Ceed модел што доби 66 бода“, стои во информацијата од Националното жири за избор на Автомобил на годината во Македонија.

Наградата е освоена во конкуренција на финалистите: Kia Ceed, Citroen C5 Aircross, VolvoXC40 и  Opel Grandland X.

“За нас, навистина, признанието е многу значајно и само ја потврдува моќноста и уникатниот дизајн на ова возило. Освен естетиката, Ford Focus нуди сериозно технолошко искуство за возачот и сериозно ниво на безбедност за сите патници. Драго ни е што Македонија се приклучува на долгата листа земји во кои нашиот модел се закити со оваа награда“, вели Дритон Заири, генерален директор на Ми-Да Гранд Моторс.

Треба да се напомене дека технолошкиот Ford Focus победи во 10 различни категории и во првите шест месеци по продажбата, до ноември минатата година, продаде над 45.000 возила во Европа. Станува збор за автомобил кој е направен од празен лист хартија и визионерски претворен во автомобил со револуционерен дизајн, комплетно ново подвозје со најдобри возни својства, врвни системи за безбедност, сигурност, економичност и удобност.

Новиот Focus се нуди во хечбек варијанта со пет врати и лимузински стил. Како дополнување на ST – Line се нудат и Focus Trend, Focus Titanium и Focus Vignale. Исто така, со нарачка е достапен и првиот спортски инспириран Focus Active кросовер. Испорачувајќи повеќе внатрешен простор, комбиниран со материјали од висок квалитет и занаетска изработка, новиот Focus нуди софистициран ранг на Ford технологии за помош на возачот, како што се адаптивна контрола на движење со Stop – Go и првиот дисплеј пред глава кој ќе биде понуден од Ford во Европа. На Focus, исто така, му е доделен максималниот рејтинг од пет ѕвезди за безбедност од независните EURO NCAP, согласно новите и најстроги протоколи за тестирање.

Комплетно новиот Ford Focus е достапен кај официјалниот дистрибутер Ми-Да Гранд Моторс и нивните овластени дилери.