Македонски вина промовирани во САД

62

Здружението Вина од Македонија, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, продолжува со промоција на македонското вино во светот, стои во соопштението.

Минатата недела беа одржани промоции во Чикаго и Њујорк, во Соединетите Американски Држави. На овие престижни настани оваа година учествуваа шест македонски винарници. Тие се организираат во рамки на платформата World’s Leading Wines (Водечки вина во светот), во која учествуваат селектирани винарници од целиот свет. Во потрага по зголемување на уделот на пазарот, барање нови бизнис партнери и соработка за извоз на македонското вино, нашите винарницизаеднички ги презентираа македонските вина, рамо до рамо со винариите од светски познатите вински региони.

Големата посетеност и интересот што го покажаа американските познавачи за македонските вина, влеваат дополнителен оптимизам дека овие промотивни настани ќе резултираат со склучување нови извозни зделки за македонските винарници, а истовремено придонесуваат и за зголемена видливост и унапредување на имиџот на земјата, како производител на автентични, префинети вина со висок квалитет.

Промоциите на македонските вина во САД кои преку здружението Вина од Македонија во континуитет се организираат во последните седум години се од особено значење за градење на препознатливност на македонските вина во САД, а со тоа обезбедување на влез и поголем удел на овој пазар.

Пазарот на САД е најголем увозник на интернационални вина кој опфаќа 18% од вкупниот увоз на вина во светот, со вредност од 6,2 милјарди американски долари, со што е оценет и како еден од пазарите со најголем потенцијал за македонското вино. Според податоците за извоз, во 2018-та година се извезени 220.000 шишиња македонско вино на овој пазар, при што е остварен вкупен девизен прилив од 610.000 американски долари.

Организацијата на ваквите промотивни настани е поддржана од ресорното министерство. Од Вина од Македонија се надеваат дека ваквиот вид поддршка ќе продоложи и дополнително ќе се продлабочува со цел промоцијата на македонското вино во странство да биде уште поуспешна и поагресивна,што ќе резултира со зголемување на извозот на овој наш стратешки производ.