ФИТР: Започна фазата на финална селекција во којашто влегуваат 368 домашни компании

86

Вкупно 368 домашни компании продолжуваат во процесот на финална селекција на Јавниот повик за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Проектите на овие компании, кои ја поминаа фазата на претселекција, сега ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции – независно тело составено од тим од пет странски експерти кое ќе ја донесе финалната одлука на кои предлог проекти ќе им биде одобрена финансиска поддршка.

Од овие 368 компании, 162 се микро, 181 мали, а 25 средни. Повеќе од половината од компаниите се регистрирани во главниот град, додека останатите се распоредени низ 30 општини од целата земја, меѓу кои и Гостивар, Охрид, Куманово, Свети Николе, Делчево, Ново Село, Валандово, Крива Паланка и Вевчани. Најголем дел од нив се од ИТ индустријата, по што следат технолошкиот и здравствениот сектор, текстилната/кожна индустрија, земјоделието, а има и предлог проекти за примена на иновации во машинското инженерство и туризмот.

Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е нешто над 87 милиони евра, од кои 67% или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33% или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е пет милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати.

Овие рекордни бројки и огромниот интерес на компаниите на јавните повици на ФИТР, претставуваат јасен знак на доверба во процедурите и инструментите на Фондот. Истовремено, ова е уште еден показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат и сопствени средства во развој и иновации.

Инаку во фазата на претселекција влегоа 455 компании, за чија евалуација беа ангажирани 95 надворешни стручни лица во 22 економски дејности. Секоја апликација се разгледува од три стручни лица одделно, а проектите кои добија минимум 51 поен во просек, преминуваат во финалната фаза.

Сите проекти се оценуваат согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Јавниот повик се реализира во рамки на Планот за економски раст на Владата, во чие финансирање од оваа година се вклучи и Светската банка како финансиски партнер.