И од Битола се може(и) започнуваат со втора сезона бизнис предавања

62

ПРЕДА Плус Фондацијата започнува со втора сезона на проектот И од Битола се може(и) со инспиративно едукативно предавање кое ќе се одржи на 3-ти септември, вторник, со почеток од 19 часот во клубот, Порта Џез.

На настанот ќе говорат Дијана Десподов, извршна директорка на AmCham, Игор Изотов, иновациски и менаџмент консултат, Васил Зидровски – иноватор, софтверски инженер и сопственик на стартап компанијата Nulius, како и Маријана Стефановски, Анастасија Трајковска, архитекти и основачки на Архинова & Анридизајн.

“Ве покануваме да бидете наша публика која ќе се напои со знаење кое е потребно да се охрабрите. Сигурни сме дека се соочувате со милион прашања во врска со започнување на вашиот бизнис. Со вашата идеја и потенцијален тим можеби сте на добар пат за креирање на следната успешна старт-ап приказна, но по тој пат ќе се сретнете со многу препреки!“ истакнува Маријана Милевска, извршна директорка на ПРЕДА Плус Фондацијата.

Што ти е навистина потребно за да започнеш старт-ап? Некој ќе каже, се денес може да се прочита на Google. Да, но ниту една книга или видео сторија не може вистински да те научи. Најлесниот и најефикасен начин е да најдеш вистински успешни претрпиемачи кои веќе го направиле тоа. Нивните трикови помагаат и можеш многу да црпиш од информациите кои ги споделуваат. Можеш и директно да прашаш или во неформалните средби потоа лично да поразговараш.

“Пролетта Битола ја размрдавме со пилот настанот кој го разбуди претприемничкиот дух кај младите битолчани. Докажавме дека “И од Битола се може(и)”, ако се има добра идеја, ако имате среќа да ги сретнете вистинските ментори кои ќе ве инспирираат и ако се верува во успехот. Оваа есен ја стартуваме втората сезона, во која ќе организираме настани на кои ги покануваме со вас да споделат искуства претприемачи кои верувале во своите идеи и патот до успехот го поплочиле со лични заложби. Можеби тие немале ментори на патот до успехот, но затоа ќе бидат Ваши инспиратори“ додава Милевска.

На настанот се поканети сите кои имаат идеја и желба за започнување на свој бизнис или се дел од стартап тим кој се наоѓа во развојна фаза. Проактивните претприемачи кои секогаш размислуваат како да бидат подобри во она што го работат по официјалниот дел ќе остварат контакти преку вмрежување и дружење.