Јапонија или земјата на изгрејсонцето има специфична култура и традиција. Доколку имате деловни партнери, клиенти или соработници од оваа земја, треба да имате на ум повеќе важни детали.
Во културата на оваа земја на пиедестал е ставено семејството и семејните вредности, па така деловни состаноци, средби и активности во недела или неработен ден не се практикуваат.
Исто така, ако имате некаква потреба од консултација или информација, Јапонците нема да ги добиете на телефон ако ги барате после работното време. Доколку е нешто премногу важно, подобро е да им напишете порака со молба за брз одговор.
Важат за дисциплинирана нација, којашто е точна и прецизна. Од таа причина, утврдете време на состанок во коешто ќе бидете сигурни дека ќе стигнете точно навреме.
Кога станува збор за работното време, во Јапонија тоа вообичаено започнува во девет, а завршува во 17 часот. Немаат утврдено време за пауза, ниту пак за ручек, но затоа важна им е вечерата кога ќе си заминат дома.
Ако на некој настан или состанок за прв пат запознавате Јапонец, треба да имате на ум дека тие не се ракуваат. Поздравот се состои од благ наклон со поглед завртен кон подот. Доколку сепак одлучат да подадат рака за да се ракуваат, тоа ќе трае многу кратко бидејќи им станува непријатно.
Во однос на облеката што треба да ја изберете при состанок со деловни партнери од Јапонија, треба да знаете дека полежерна облека и во силни тонови не се дозволува. Јапонците претпочитаат конзервативен начин на облекување, односно класично деловно одело во неутрални нијанси.
Фото: Pixabay