Скопје е на едниот, а Канбера на другиот крај на светот, а оддалеченоста меѓу нив е околу 15.400 километри. Со податоците на Numbeo ќе направиме паралела меѓу цените во главниот град на нашата земја и оној во Австралија.
Целосен оброк за двајца во просечен ресторан во Скопје чини околу 16 евра, додека во Канбера е 234% поскапо или околу 55,92 евра. Шолја капучино во Скопје може да се најде за околу 1,36 евра, додека во австралискиот град е 2,69 евра или 96% поскапо.
Ако сте во супермаркет во Скопје и купите леб од половина килограм, ќе платите 0,47 евра во просек, додека во Канбера за тоа ќе одвои 270% повеќе пари или 1,75 евра. Еден килограм компири кај нас имаат просечна цена од 0,49 евра, а во Канбера 313% поскапо или 2,02 евра. Една марула во маркети во Скопје се продава за околу 0,33 евра, а во Австралија 405% поскапо или 1,64 евра во просек.
За такси услуга во Скопје ќе треба да платите 0,41 евра за еден изминат километар, а во Канбера 205% поскапо или 1,24 евра. Доколку имате потреба таксистот да ве причека до еден час, за тоа во Скопје ќе ви биде наплатено околу 4,88 евра, а во Канбера 982% поскапо или 52 евра. Литар гориво кај нас има просечна цена од 1,10 евра, а во Канбера 13% поевтино или 0,95 евра.
Месечните сметки за струја, вода, греење, ладење… кај нас се околу 108 евра, а во австралиската престолнина 142 евра, што е повеќе за 32%.
Еден месец за едно дете во приватна градинка во Скопје е 177 евра, а во Канбера 455% поскапо или околу 986 евра месечно.
Изнајмување на стан со една спална во центарот на Скопје е околу 229 евра, а во Канбера 393% поскапо или 1.133 евра. Ако некој сака да купи стан во центарот на Скопје, за еден метар квадратен ќе треба да одвои просечно 1.228 евра, а во Канбера 3.577 евра или 191% поскапо.
Просечната месечна исплатена нето плата во Скопје е околу 391 евро, а во Канбера 722% повисока или 3.217 евра.
Фото: Pixabay