Просечна камата на вкупните кредити за компании во октомври е 4,27%

53

Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, во октомври, оствари месечен пад од 0,05 процентни поени (п.п.) и изнесува 4,27%, покажуваат податоците на Народна банка.

Овој пад, како што се наведува, произлегува од намалувањето кај сите компоненти на оваа каматна стапка: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,06 п.п.) и кредитите одобрени во денари без и со валутна клаузула (за 0,04 п.п., соодветно). Во однос на октомври минатата година, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,45 п.п.

Овој месец, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,89% и бележи месечен пад од 0,22 п.п. Анализирано според валутната структура, намалувањето се должи на падот кај каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,41 п.п. и 0,09 п.п., соодветно), во услови на раст на каматната стапка на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,11 п.п.). Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,88 п.п.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор во октомври 2019 година изнесува 1,51% и во споредба со минатиот месец бележи пад од 0,16 п.п. Месечната надолна промена е резултат на падот кај каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,17 п.п. и 0,02 п.п., соодветно), додека каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула е непроменета.

Споредено на годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е пониска за 0,18 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор во октомври е пониска за 0,20 п.п. споредено со претходниот месец и изнесува 1,12%. Притоа, падот произлегува од намалувањето кај каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,33 п.п. и 0,27 п.п., соодветно), при минимален раст кај каматна стапка на депозитите во странска валута (за 0,01 п.п.). На годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,17 п.п.

Фото: Pixabay