Бизнис бонтон: Правила за убаво однесување во деловниот свет (3)

557

Убавото однесување, освен што се учи, потребно е да се надградува и адаптира, согласно условите во коишто се наоѓате. За да бидете успешни во бизнисот, не треба да размислувате само на профитот. Постојат некои мали ситници и финеси што можат да ви помогнат да постигнете успех.

Работното биро нека “блеска“

Начинот на којшто се однесувате со работите со коишто сте опкружени, многу зборуваат за вашата личност. Доколку имате состанок во вашата канцеларија, а бирото ви е затрупано со документи, празни шолји со кафе, хартии… колку и да сте успешни, ќе помислат дека сте хаотични и недоследни. Затоа, секогаш внимавајте на работниот простор. Не мора секогаш да биде 100% чисти, но сепак уредноста покажува дека сте добро организирани и дисциплинирани.

Држете до себе и почитувајте ги другите

Успехот во секој однос е балансот. Затоа, бидете доследни на вашите принципи на работа, навики за организирање на активностите или просторот во којшто сте. Но, никогаш не заборавајте го мислењето или потребите на другите луѓе. Без разлика на тоа дали сте во улога на менаџер, шеф, претпоставен… секогаш почитувајте ги колегите, не се борете вештачки да наметнете авторитет, бидејќи големината на луѓето е во нивната одмереност, скромност, непосредност.

Обрнете внимание на невербалната комуникација

Иако е “тивка“, невербалната комуникација е многу моќна алатка што открива со какви луѓе соработувате. Тоа значи дека треба да внимавате и на невербалните знаци што ги испраќате до колегите и соработниците, но и да можете да “прочитате“ како се чувствуваат другите. Нервозните потези, како тресење со ногата, немирни прсти… можат да остават лоша слика за вас, бидејќи во очите на другите ќе бидете некој кој е постојано под стрес, што избрзува во донесување на одлуките или не внимава на важните детали. Одбранбениот став што го зазема соговорникот (со прекрстени раце) можеби треба да ви укаже на тоа дека не го прифаќа она што го нудите.

Фото: Pexels