Под силно влијание од моделот Scala, новиот Škoda Rapid во 2020 година ќе пристигне со целосно ново лице, LED предни светла со триаголна контура, редизајниран браник со спортски дизајн и шестоаголна корпоративна решетка на брендот.
Присуството на новиот хечбек е забележливо и во задниот дел, па така Rapid добива LED светла со L-облик, сега поставени хоризонтално, со што се придонесува кон поголема визуелна ширина на моделот. Новитет е и црниот суптилен спојлер поставен на багажниот капак, освежениот браник и натписот Škoda. Промените сепак не се толку забележителни по страните на автомобилот.
Škoda својата магија ја има применето и во кабината на редизајнираниот седан, кој сега се карактеризира со неколку нови елементи. Тука спаѓаат дигиталниот инструмент панел, најновиот инфозабавен систем со 6,5-инчен дисплеј со екран на допир, со можност за надградба до 8,0-инчи, два USB-C излези на централната конзола, загреан управувач, греење на ветробранското стакло и многу друго.
На безбедносниот фронт, ажурираниот Škoda Rapid нуди карактеристики како што се системот за контрола на растојанието однапред, систем за итно сопирање, препознавање на замор на возачот, темпомат и паркинг сензори.
Во поглед на погонските единици, поставата останува сепак иста и ги вклучува природно аспирираната 1,6 литарска MPI единица и 1,4 литарскиот TSI мотор. MPI единицата е достапна во варијанта од 89 и 109 коњски сили, додека пак TSI моторот произведува моќност од 123 коњски сили. Пет-степениот рачен и шест-степениот автоматски менувач се достапни кај MPI, додека TSI го добива седум-степениот DSG менувач со двојна спојка.
Новиот Škoda Rapid ќе се произведува во фабриката на Групацијата Volkswagen во Калуга, Русија, а моделот ќе започне со продажба во првиот квартал на 2020 година, исклучиво на пазарите во земјите од Руската Федерација.
Преземено од Avtoplus.mk