Новиот Golf GTI пристигнува во март идната година

64

Осмата генерација на Golf беше претставена оваа есен, а новиот Golf GTI неодамна беше “уловен“ без камуфлажа за време на тестирањето во зимски услови.

Според неофицијалните најави, овој модел светската премиера ќе ја има на Саемот за автомобили во Женева, којшто традиционално се одржува во првата половина од март. Се очекува, како неговиот претходник, новиот Golf GTI да биде достапен во две верзии, – двете ќе бидат напојувани од унапредена верзија на EA888 2,0-литарски турбо-бензинец до актуелниот Golf GTI Mk7.

Базичниот GTI ќе има околу 255 КС, а поекстремниот околу 295 КС, додека погонот ќе се префрла на тркалата преку шестстепен мануелен или седумстепен автоматизиран менувач со двојна спојка.

Кога станува збор за дизајнот, Golf GTI очекувано го следи дизајнот на стандардниот Golf, со неколку спортски елементи, како што се пониски предни LED фарови, предни маски и крила. Како и во претходните GTI верзии, така и оваа ќе има уникатен преден и заден браник, големи всисувачи за воздухот, спојлер на покривот, спортски фелни, подобри гуми и двоен издув. Новиот GTI ќе биде исклучиво во хечбек варијанта со пет врати.

Промените во ентериерот се подеднакво суптилни – новата генерација на GTI ќе добие нов дигитален кокпит, хед-ап екран како опција, нова рачка на менувачот во облик на буквата Т, нова централна конзола…

Продажбата започнува во втората половина од 2020

По мартовската премиера, Golf GTI Mk8 во европските продажни салони ќе пристигне во втората половина од 2020 година.

Кога станува збор за САД, GTI по се изгледа ќе биде базичната верзија на новиот Golf во таа земја, со оглед на тоа дека моделите со послаби погонски единици најверојатно нема да се продаваат. GTI во САД пристигнува во 2021 година, а освен него, на тој пазар ќе се продаваат и новиот Golf R, чија светска премиера е темпирана за летото 2020 година.

Во Европа на купувачите ќе им биде на располагање и новиот Golf GTD, како и plug-in хибридниот Golf GTE, чија премиер, исто така, се очекува во текот на следната година.

Преземено од Avtoplus.mk