Скопје од Будва е оддалечено околу 372 километри или околу шест часа возење со автомобил. Со помош на податоците на Numbeo, ќе направиме споредба колку се овие два града “оддалечени“ со цени.
Ако сте во Скопје и сакате да ручате во ресторан, за двајца ќе треба да платите околу 16,24 евра, додека во Будва 24 евра. Доколку во ресторан сакате да нарачате вода од 0,33 литри, во нашиот главен град за тоа ќе платите 0,75 евра, а во Будва 1,04 евра.
Еден килограм јаболка во маркет во Скопје се продава за околу 0,75 евра во просек. За истата количина од ова овошје во црногорскиот град ќе платите 0,86 евра.
Кога имате потреба да патувате со такси, за старт на оваа услуга во Скопје ќе платите 0,65 евра, а во Будва едно евро. Кога се работи за бензинот, еден литар од ова гориво во Скопје има цена од 1,10 евра, а во Будва 1,35 евра.
Жителите на Будва плаќаат поскап интернет од 23,52 евра, за разлика од кај нас каде што оваа услуга чини околу 15,35 евра.
Ако родителите на дете во Скопје одлучат да го пратат во интернационално основно училиште, тогаш за тоа ќе платат околу 3.238 евра годишно. За истата таа намена, во Будва треба да се одвојат 8.400 евра.
Изнајмување стан со три спални соби во центарот на Скопје чини околу 402 евра, а во Будва 600 евра. Кога се недвижнините во прашање, голема разлика има кај цените на становите по метар квадратен во централното градско подрачје. Во Скопје е околу 1.229 евра, а во Будва 2.500 евра.
Просечната месечна исплатена нето плата во Скопје е околу 388 евра, додека во Будва е 509 евра.
Фото: Pexels