Колку луѓе ја напуштиле земјава во потрага за подобар живот?

228

Отселувањето на жителите, особено на младите луѓе од земјите на Балканот во економски високо развиените земји на западна Европа, е еден од најголемите проблеми со коишто се соочува регионот во последните неколку години.

Според агенцијата Анадолија, сè уште не постојат прецизни информации од државните институции за бројот на отселени, но, како што се наведува, одамна е јасно дека се работи за загрижувачки демографски тренд.

Според неофицијални податоци и проценки на национални и меѓународни организации, скоро секоја земја од регионот годишно останува без популација со големина на еден помал град.

Драматичен тренд на иселување, како што се наведува, веќе со години е присутен во Македонија. Од нашата земја, според последните податоци на Eurostat, само во 2018-та година си заминале 24.300 лица, додека податоците на Светска банка покажуваат дека над 25% од жителите или една четвртина од Македонците, сега живеат надвор од својата земја.

Податоците говорат дека Босна и Херцеговина, од 2013-та до крајот на минатата година, ја напуштиле повеќе од 200.000 луѓе. Само во текот на 2019-та година, од БиХ си заминале околу 60.000 луѓе.

И Хрватска, како што пренесува Oslobodjenje.ba, со години се соочува со егзодус на населението, што е посебно изразен во помалите средини, а посебно загрижува и тоа што ниту големите градови не успеваат да го задржат населението. Неофицијалните податоци покажуваат дека во последните пет години од Хрватска си заминале околу 190.000 жители. Податоците на Државниот завод за статистика на Хрватска покажува дека само во текот на 2018 година од Хрватска се отселиле 39.515 лица, што е втора по големина бројка по 2017 година, кога земјата ја напуштиле 47.352 лица.

Податоците на Eurostat покажуваат дека од Албанија во земјите од ЕУ, само во текот на 2018 година, се преселени околу 62.000 жители. Според последниот извештај на Светска банка поврзан со прашања за миграција, оваа земја досега ја напуштило околу 40% од населението.

Податоците на Eurostat, исто така, покажуваат дека од подрачјето на Косово, во 2018-та година во други земји се отселиле 34.500 лица, а од Црна Гора околу 3.000.

Ако се земат предвид само податоците на Eurostat од 2018-та година и други неофицијални податоци, може да се заклучи дека од балканските земји во претходните неколку години во просек се отселиле околу 200.000 луѓе годишно.

Фото: Pexels