Volkswagen официјално соопшти дека годинава во Женева ќе претстави две перформансни варијанти на Golf и тоа оние кои ги носат ознаките GTI и GTD. Над нив, односно круна на понудата ќе биде Golf R, но неговата премиера се очекува некаде во јули.
Британски Autocar наведува дека претстојниот Golf GTI ќе користи 2,0-литарски четирицилиндричен агрегат, кој ќе развива 242 КС во стандардниот трим, но дека во понудата ќе биде и посилната верзија со 287 КС. Наводно, во понудата ќе се задржи и шестстепениот мануелен менувач како и седумстепената автоматска трансмисија со двојна спојка. Иако Британците не зборуваат за употребата на благиот хибриден систем, до неодамна се шпекулираше дека Golf GTI ќе биде опремен и со оваа технологија.
Кога станува збор за дизелскиот GTD, тој ќе користи 2,0-литарски турбо мотор со четири редно поставени цилиндри. Се истакнува дека таа погонска единица би требало да испорачува нешто помалку од 200 КС и дека исто така ќе биде понудена во пар со автоматски или мануелен менувач.
Golf R својата премиера ќе ја има на лето. VW сè уште е мистериозен во врска со “бисерот“ во Golf семејството, но се очекува овој автомобил да располага со најмалку 300 КС, а во најсилното издание би можел да достигне и до 395 КС! Силата ќе се пренесува на двете осовини, како и кај претходните генерации на Golf R.
Volkswagen ќе понуди и перформансен plug-in хибриден Golf. Овој модел ќе ја носи ознаката GTE и ќе биде достапен во две варијанти, со 201 или 241 КС. Премиерата на хибридниот Golf ќе биде одржана, исто така, оваа година.
Преземено од Avtoplus.mk